Луис Хамилтон стигна до рекордна шеста победа на Британското Гранд При , откако го претекна својот тимски колега при периодот на безбедносното возило за 1-2 победа на Мерцедес. Шарл Леклер заврши како трето пласиран за Ферари откако Себастијан Фетел удри и го изврте Макс Верстапен во борбата за трето место.

Хамилтон успеа да го надмине Ботас во Силверстон со поголг прв стинт со кој влезе во бокс само еднаш, што се покажа и како клучна стратегија со безбедносното возило.

Тоа му овозможи удобна предност на Хамилтон, откако Ботас мораше да влезе во бокс по вторпат за задолжителна компонента на пневматици бидејќи користеше медиум во првите два стинта.

Третото место на Шарл Леклер пристигна по драматична борба за последната позиција на подиумот. Прво Леклер и Верстапен прикажаа мајсторски маневри во својот дуел, но подоцна Верстапен го доби “подебелиот“ крај од дуелот со Фетел кој го удри и изврте надвор од патеката.

Пјер Гасли стигна до најдобриот резултат за Ред Бул досега, со пласман на четвртто место, додека Верстапен успеа да се врати во трката и да заврши на петто место, а Фетел пак се пласираше на 16то место откако влезе во бокс по нов нос и по казната од 10 секунди која му ја доделија стјуардите.

На почетокот на трката, Ботас беше во водство и се одбрани од неколку напади на Хамилтон и беше еден од првите кои ги започнаа влегувањата во бокс, додека Хамилтон чекаше до 20от круг. Тоа беше клучно за Луис кој изведе стратегија од едно влегување.

Тој и Фетел имаа проблеми во првите стинтови, но и германецот го пролонгираше својот стинт, одлука која беше наградена за двајцата по безбедносното возило поради излетувањето на Антонио Џиовинаци од Алфа Ромео. Хамилтон се врати на прво место, додека Фетел беше трет, а пак Ботас поради одлуката да не влезе во бокс, беше загарантиран за стратегија со две влегувања.

Финецот не успеа да го нападне Хамилтон по рестартот и падна на неколку секунди позади британецот, но на 7 кругови до крајот влезе во бокс откако направи доволна разлика со останатите позади себе.

Во меѓувреме Хамилтон успеа да извозе и најбрз круг во трката, со што неговото водство во пласманот сега се искачи на 39 поени.

Леклер, кој заврши на трето место, ја имаше истата позиција во почетокот на трката, но мораше да се брани од огромниот притисок од Верстапен, кој успеа да го претекне во боксовите кога двајцата влегоа во исто време.

Сепак, Леклер по неколку свиоци успеа да ја врати позицијата, но потоа падна на шесто место откако Ферари уште еднаш донесоа погрешна одлука и не го повикаа во бокс веднаш кога излезе безбедносното возило, туку еден круг покасно. Од Ред Бул реагираа подобро и го внесоа Верстапен, кој се врати на петто место, позади Фетел и Гасли.

По рестартот, Верстапен и Леклер го продолжија својот интензивен дуел, но на крајот Верстапен ја задржи позиција, а потоа го претекна и Гасли за четвртто место и почна да го напаѓа Фетел за третата позиција.

Во 37от круг, тој го претекна Себастијан во Стоув свиокот, но отиде пошироко, а Фетел го следеше се до свиокот Вејл, но откако немаше каде да оди со своето Ферари во внатрешната страна, се обиде да ја промени позицијата, но прекасно.

Фетел ги блокираше сопирачките и удри силно во задниот дел од болидот на Верстапен, го изврте Макс кој во еден момент беше во воздух, и двајцата завршија во песочниот дел. Двајцата возачи се вратија, но Верстапен остана на петто место, а Фетел падна на последната позиција. По трката, Фетел веднаш му се извини на Верстапен.

Елиминацијата на Фетел му овозможи на Карлос Саинз од Мекларен да се пласира на шесто место, кој пак се одбрани од нападите на Даниел Рикардо од Рено.

Кими Раиконен имаше стратегија со едно влегување и заврши на осмата позиција, додека Даниил Квјат стигна до деветта. Нико Хулкенберг го комплетираше топ 10.

Покрај откажувањето на Антонио Џиовинаци, викендот за тимот на Хаас Ф1 продолжи во надолна линија. И Роман Гросжан и Кевин Магнусен беа приморани да се откажат откако имаа контакт меѓу себе во првиот круг.