Патеката Силверстон има рекордни приходи за фискалната 2018 година благодарение на зголемената продажба за ланското издание на Големата награда на Британија.

Според извештајот на британски The Telegraph, сопствениците на автодромот, БРДЦ, ги надминале фиансиските проекции за лани со рекорден приход од 59,3 милиони фунти. Половина од приходот е генериран од Британското Гранд При кое лани имаше рекордна продажба на влезници и дури 140.500 посетители проследија нова победа на Луис Хамилтон.

Како и да е, годината БРДЦ ја завршија со загуба поради продажбата на лиценцата за продажба на возила Лотус во Април 2018 година како и поради враќањето на средствата на 40 илјади фанови поради откажувањето на МотоГП трката лани предизвикано од преголемо количество вода на патеката, односно несоодветна дренажа.

Според последното писмо од Претседателот на БРДЦ, Џон Грант до членовите на клубот, годинава трката во Британија имала повеќе продадени влезници од лани, а за настанот во 2020 година веќе се продадени 50% повеќе влезници одошто за овогодинешниот во овој период минатата година. Следната година Силверстон ќе има корист и од 25% намалените давачки кон ФОМ на име лиценца за организација на Формула 1 трка, согласно ново испреговараниот договор во пресрет на овогодинешното издание.