Азербејџан: Победа за Рикардо во хаотична трка

Возачот на Ред Бул Рејсинг, Даниел Рикардо, искочи како шокантен победник во неверојатно хаотична трка за Голема Награда на Азербејџан, истакната со страствени реакции кои не доликуваат на повеќекратни шампиони и ривалите во првенството, Себастијан Ветел и Луис Хамилтон.

Хамилтон и Ветел имаа контакт во период на безбедносно возило, што доведе до казна од 10 секунди за Себастијан, но откачена заштитна пена околу кацигата го оневозможи возачот на Мерцедес лесно да стигне до победа.

Тоа му остави простор на Рикардо, кој се квалификуваше на 10то место и изгледаше дека нема никакви шанси, да стигне до својата петта Гранд При победа. Австралиецот заврши пред Валтери Ботас и дебитантот во Вилијамс, Ленс Строл, кој стигна до својот прв подиум, откако ги освои и првите поени во својата кариера во Канада.

Ботас имаше заостанување од 1 круг по судар со Кими Раиконен, но успеа да се врати во водечкиот круг поради многуте прекини во трката. Хаосот кој се случуваше пред него му овозможи да се искачи до трето место, а го претекна Строл во последниот круг на старт-финиш линијата.

На стартот на трката возачите на Мерцедес ги задржаа првата и втората позиција, но Ботас имаше пролизгување по првиот свиок, дозволувајќи му на Кими Раиконен да влезе од надворешната страна во свиокот 2.

Ботас ја задржа внатрешната линија, но отскокна од ивицата и заврши во левата страна на својот сонародник, а тоа пак го испрати Раиконен во заштитните бариери. Болидот на Кими изгледаше неоштетен првично, иако тој изгуби неколку позиции од Ветел, Перез и Верстапен, додека пак Ботас мораше полека да се врати во бокс за поправки.

Разликата помеѓу лидерите Хамилтон и Ветел се одржуваше на исто ниво во првиот стинг, со предност од 3 секунди во корист на Хамилтон, кога дојде и до првиот прекин со безбедносното возило. Виновникот за истото беше Даниил Квјат кој поради технички проблеми мораше да го сопре својот болид во 11от круг.

Накратко потоа, трката заврши и за Макс Верстапен, кој го бркаше Серхио Перез за трето место, но агрегатот на Рено не ја издржа агресивноста. Периодот на безбедносно возило кој траеше неколку кругови им дозволи на лидерите да променат пневматици. При рестартот Хамилтон се оддели од Ветел и создаде предност.

Германецот дури беше нападнат и од Перез, но успеа да се одбрани од мексиканецот во свиокот 1. Тимскиот колега Раиконен беше жртва за Фелипе Маса и Естебан Окон, со што падна на 6то место. Неколку мигови потоа трката повторно беше суспендирана поради остатоци од карбон-фибер на повеќе локации на патеката, а уште еден хаотичен рестарт следуваше неколку кругови покасно.

Прво Ветел удри во задниот дел од болидот на Хамилтон, кога британецот се обидуваше да создаде позиција за рестарт, но го стори истото на мошне опасен начин. Четирикратниот шампион, Себастијан Ветел, дозволи страстите да играат главна улога и како што не доликува за еден искусен Формула 1 возач, се помести од левата страна на Хамилтон, направи неколку гестикулации со рацете и силно удри во болидот на Мерцедес.

При рестартот, Ветел мораше да се брани од Маса и Перез, но повторно успеа да ја задржи позицијата. Позади нив повторно драма помеѓу возачите на Форс Индија. Окон се обиде да го претекне Перез во свиокот 2, но го избутка својот тимски колега премногу блиску до ѕидот, што резултираше во судар. Поради хаостот, на патеката повторно се појави безбедносното возило, а потоа и црвеното знаме поради премногу остатоци од делови. Најпрвин, изгледаше дека тој е крај на трката за Перез и Раиконен, кој пак поради пукнат пневматик изгуби цел дел од своето задно крило, но и двајцата успеаја да се вратат, со 1 круг заостанување, по 20 минутна пауза.

На рестартот, Хамилтон и Ветел, ги задржаа своите позиции, а Рикардо со одличен маневар ги претекна Строл и Маса. Маса покасно мораше да се откаже поради оштетување на болидот. Претекнувањето на австралиецот се покажа како круцијално, бидејќи двајцата возачи пред него мораа да влезат во бокс. Ветел, за да одслужи казна од 10 секунди поради ударот кон Хамилтон, а пак Луис поради замена на откачената заштитна пена.

Ветел и Хамилтон ги претекнаа повеќето болиди, но не успеаја да завршат подобро од четвртто и петто место. Естебан Окон и возачот на Хаас, Кевин Магнусен, во еден момент беа на подиум по црвеното знаме, но мораа да се задоволат со шесто и седмо место на крајот. Саинз успеа да стигне до 8та позиција, додека Фернандо Алонсо ги освои првите поени за Мекларен оваа сезона со пласман на деветто место.

Паскал Верлејн со својот Заубер заврши на 10та позиција. Маркус Ериксон заврши на 11то место, додека Стофел Вандорн на 12та позиција. Роман Гросжан имаше ужасен викенд и проблемите со неговите сопирачки продолжија, поради што заврши на 13то место, пред Кими Раиконен и Серхио Перез, кои се откажаа од трката.

[table id=19 /]

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ