Германија: Очекувана победа за доминантниот Хамилтон

Доминација на Луис Хамилтон на Германското Гран При во Хокенхајм, 49 победа во неговата кариера и четвртто место за неговиот тимски колега, Нико Розберг, кој не успеа да го комплетира 1-2 финишот за Мерцедес на домашен терен. 

На самиот старт, Розберг очајно се одвои од својата позиција, дозволувајќи им на возачите на Ред Бул да го заобиколат до првиот свиок. Казната која следеше по дуелот со Макс Верстапен не му ја олесна работата на Розберг воопшто. Додека младиот холанѓанец прикажа одлично возење, неговиот тимски колега, Даниел Рикардо, на своето 100то Гран При заврши на втората позиција и нов подиум.

Надолната форма на Ферари продолжува и понатаму и по денешната трка во Германија ја изгубија втората позиција во генералниот пласман од Ред Бул. Ветел и Раиконен завршија како петто и шестопласиран, возејќи своја трка.

Во самиот финиш на трката, Џенсон Батон со неговиот Мекларен извозе шампионска трка и заврши како 9то пласиран, додека Фернандо Алонсо и покрај сите обиди, не успеа да ја задржи 10та позиција на неколку кругови до крај.

Од пол позиција Розберг имаше очаен старт, падна на 4то место позади Хамилтон, Верстапен и Рикардо по само првиот свиок. По првиот круг, предноста на Хамилтон веќе беше 1.3 секунди пред Верстапен, додека Рикардо се бранеше од нападите на Розберг. Ветел успеа да го претекне Кими за 5то место, додека Ботас ја украде 7та позиција од Нико Хулкенберг.

Фелипе Маса немаше среќа на денешната трка и по самиот старт беше удрен од Џулион Палмер. По комуникација со тимот, кој го извести дека се е во ред со болидот, сепак Фелипе продолжи да се жали за на крај да се откаже од трката.

Верстапен и Розберг беа први меѓу водечките болиди кои влегоа во бокс за промена на суперсофт пневматици. Розберг притоа изгуби 1.3 секунди поради проблем со менувањето на задниот лев пневматик, а потоа и заглави во сообраќај по враќање на патеката. Рикардо промени на софт, додека Хамилтон почна да испорачува брзи кругови. Британецот влезе во 14от круг и промени на софт пневматици со предност од 16 секунди пред Раиконен, кој исто така влезе во бокс. По влегувањата во бокс, Хамилтон се врати на патеката со предност од 6 секунди пред Верстапен, Рикардо и Розберг.

Во 27от круг Розберг повторно влезе во бокс, промени на софт пневматици, нешто што го направи и Макс Верстапен во следниот круг. Макс се врати на патеката пред Розберг, кој по долгиот правец воопшто не се обиде да сврти во свиокот и го избутка холанѓанецот надвор од патеката во Шпицкере шнолата.

Верстапен порача по тимското радио дека Розберг го избуткал, по што наскоро следеше истрага од стјуардите. Истите се одлучија да му доделат казна од 5 секунди на Розберг која требаше да ја одслужи при следното влегување во бокс. Типично за Розберг, кој вози според свои правила, преку тимското радио го соопшти следното:

Може ли да им кажете дека ми се закочи управувачот и неможев да свртам. Тој ја промени патеката на движење при сопирање. Тоа беше проблемот.

Од видео снимките сепак, јасно како ден, се виде дека Розберг го повтори истиот маневар од Австрија во последниот круг, но во тој случај жртва на германецот беше Луис Хамилтон.

По следната промена на пневматици, во 33 и 34 круг, Рикардо го пристигна Верстапен и го претекна со помош на ДРС. Верстапен во тој момент имаше големи тешкотии со своите пневматици.

Рикардо го пристигна и Розберг кога германецот влезе за последен пат во бокс, одслужувајќи ја казната од 5 секунди. Се врати на патеката на 4то место, 5 секунди позади Верстапен, но не успеа да ги нападне болидите на Ред Бул пред себе.

Интересна во овој период беше пораката по тимското радио на Ветел, кој по инструкции на тимот да влезе за нов сет на пневматици за да го престигне Верстапен, донесе своја одлука, велејќи:

Кого сакате да престигнеме преку бокс? Тие се километри пред нас!

Позади Мерцедес и Ред Бул, Ферари ја завршија трката на 5то и 6то место. Хулкенберг го помина Ботас за 7мо место на 6 кругови до крај, кога и почнаа ситни капки на дожд да се појавуваат на патеката. Батон заврши како осмопласиран, додека Ботас падна на 9то место, а Перез го комплетираше топ 10.

Ова е конечниот пласман по денешното Германско Гран При.

[advanced_iframe securitykey=”006b4d8db8ba3ffa9c5b6e5d017ef95fa87e2bd5″ src=”http://www.bn-ms.com/bnms.com/formula1/plasman/rezultati-2016-12-germanija.html” width=”100%” max-width=”600″ height=”960″ id=”iframe-rezultati”]

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ