Канада: Доминација на германецот во црвено

Себастијан Ветел со своето Ферари стигна до својата јубилејна 50та победа, а 232ра за Скудерија Ферари во нивната историја. Втор триумф за германецот во Канада, прв во црвено, а 11та победа за Ферари во Канада и нивна прва од 2004 година. Подиум број 103 за Себ, а 734ти за Ферари. Германецот издоминира по Жил Вилнев, победи на квалификациите, победи на трката и водеше буквално во секој од 70те кругови.

Оваа победа комбинирана со 5то место на Луис Хамилтон го врати Себ на прво место во возачкиот поредок превземајќи го тоа место од британскиот актуелен првак.

На второ место Валтери Ботас за својот 26ти подиум, а 163ти за Мерцедес. На трето место заврши Макс Верстапен за својот 13ти подиум и 152ри за Ред Бул.

Стартот беше највозбудлив дел од трката. Штом се изгаснаа црвените светла одлично тргна Верстапен и на првата кривина го превзеде второто место на Валтери Ботас, но возачот на Мерцедес добро блокираше во пресрет на втората кривина и си ја врати позицијата.

Позади нив, Рикардо однадвор ја мина првата кривина рамо до рамо со Раиконен и поради тоа излезе во внатрешниот дел на “двојката“ по што го превзема 5то место на финецот.

Голем судар се случи помеѓу 5от и 6от свиок во првиот круг. Брендон Хартли од Торо Росо и Ленс Строл од Вилијамс се бореа за позиција, но беа преагресивни, иницираа контакт, Хартли заврши во оградата, “полета“ покрај Строл и со себе го однесе надвор од патеката. Штета поради најдобриот квалификациски пласман за Брендон годинава откако тргна од 12то место, но штета и за домашниот возач Строл кој токму тука лани ги освои своите први поени.

Сударот значеше излегување на Безбедносното возило кое се задржа 4 кругови, период кој го искористија Стофел Вандорн од Мекларен и Маркус Ериксон од заубер да променат гуми и да монтираат црвени суперсофт. Ова беше 4то излегување на Безбедносното возило на патека во првиот круг во последните 8 години.

Рестартот донесе контакт на првата кривина помеѓу Карлос Саинз од Рено и Серхио Перез од Форс Индија. Мексиканецот беше допрен од шпанецот и заврши крај патеката, успеа да се врати, но загуби доста позиции по што бараше црно знаме за Саинз. Стјуардите ја прегледуваа снимката и одлучија дека се работи за обичен тркачки инцидент.

Влегувањето во бокс кај водечките започна во 17от круг кога Макс Верстапен и Луис Хамилтон се решија да променат на суперсофт, британецот од ултрасофт, холанѓанецот од хиперсофт и излегоа на 5то односно 6то место пред дуелот Леклер – Алонсо. Следуваа два фантастично брзи сектори од Даниел Рикардо и негово влегување по суперсофт, а потоа дојде и излегувањето пред Луис Хамилтон и превземање на неговото 4то место.

15 кругови подоцна, поточно во 33от круг во бокс влезе и Кими Раиконен, доби суперсофт, се врати на патеката на помалку од секунда зад Хамилтон и не успеа да ја превземе неговата позиција.

Во 36от круг рутински гуми промени Валтери Ботас, а следниот круг и водечкиот Себастијан Ветел.

Фернандо Алонсо во 42от круг се откажа од трката откако МЦЛ33 болидот имаше проблеми со издувниот систем по што дојде до прегревање на агрегатот, кој патем е последната спецификација на Рено.

Роман Гросжан почна од последното место по проблемите на вчерашните квалификации, а со својот сет ултрасофт успеа да комплетира дури 49 кругови пред да влезе во бокс и да падне од 9то на 12то место.

Ветел победи пред Ботас и Верстапен, следуваше вториот Ред Бул на Рикардо, кој последните 10-тина кругови се бранеше од Хамилтон, а 6то место за Кими Раиконен.

Тандемот на Рено Хулк и Саинз беа 7ми односно 8ми, Окон загуби позиција од Карлос и финишираше зад него. Последниот поен за Шарл Леклер и негов 3ти финиш во поени годинава.

Ветел го превзема водството кај возачите и во пресрет на следната трка има поен предност во однос на Луис Хамилтон, додека Ботас заостанува 34 поени зад својот тимски колега. Следува Даниел Рикардо кој е 2 поени зад Ботас, потоа Раиконен и Верстапен, а Алонсо и Хулкенберг се на делба на 7то место со по 32 поени.

Кај конструкторите, Ферари ја намали негативата од 22 поени на 17 поени, Ред Бул се 3ти, следува Рено кој му побегна 16 поени на Мекларен.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ