Логиката на Ред Бул во “одлуката Албон“

Ред Бул донесе шокантна одлука да го замени Пјер Гасли со Александер Албон во својот сениорски тим, но како и секогаш во Милтон Кинс имаат рационално размислување за се што прават.

Иако најавуваа дека французинот Гасли останува во тимот минимум до крајот на сезонава, сепак мина само една недела од последната трка пред тимот да објави дека прави рокада кај своите возачи помеѓу двете свои екипи. Французинот извозе само 12 трки за тимот, исто толку има и Албон во целата своја Формула 1 кариера, а оваа одлука потсетува на оваа која по само четири трки во 2016 година, во Милтон Кинс решија Квјат и Верстапен да ги заменат тимовите.

Јасно е дека Гасли е под огромен притисок по тешкиот почеток со Ред Бул затоа што неговата промоција од Торо Росо на испразнетото место од заминувањето на Даниел рикардо дојде прерано. Но, младиот возач имаше одлична ланска сезона со Торо Росо по што во Милтон Кинс решија брзо да го унапредат.

Се очекуваше Пјер да се мачи на почетокот, но Верстапен и Хонда стануваа се посилни, болидот стана способен за победи по стартот на европскиот дел од сезоната, а Гасли го немаше никаде. Во Австрија Макс стигна до првата победа, а во тој поход го мина својот колега за цел круг. На Силверстона французинот беше добар, всушност заврши пред Верстапен и се бореше со Себастијан Фетел, но тоа беше се од него годинава.  Во Германија заврши во ѕид на тренинзите, на квалификациите не беше лош, но во трката каде имаше многу можности за силни поени, заврши во задниот дел на Албон на неколку кругови пред крајот. Нити последната трка не му беше подобра, заврши дури надвор од топ 10 на Хунгароринг и не успеа соодветно да го нападне Карлос Саинз по што шпанецот го притиска и во возачкиот поредокт за 6то место.

Хорнер најави дека оечкува многу посилен Гасли затоа што само така екипата ќе нападне на 2то место кај конструкторите кое го има Ферари. Разликата Ред Бул – Скудерија во моментов е 44 поени, додека Гасли е зад Верстапен дури 118.

По крајот на трката крај Будимпешта, Хорнер најави дека францускиот возач останува во тимот барем до крајот на сезоната, но се чини си го погази зборот. Сепак, за тимот е ризик да го става младиот и неискусен Албон во болидот, возач со само 12 трки во кариерата, а предизвикувачката Спа да биде негова прва трка за сениорскиот тим.

Сепак и позади ова има логика. Официјалното соопштение од тимот гласеше дека сакаат на останатите 9 трки од сезонава да ги проценат возачките квалитети на Албон. Тимот е свесен што може да направи Гасли во врвна екипа затоа што имаше 12 шанси за тоа, знаат за што е способен и Даниил Квјат со топ болид од неговиот престој во Милтон Кинс во минатото, така што сакаат да му дадат шанса и на Александер пред да донесат одлука за следната година.

За Алекс ова унапредување е само продолжување на фантастичните работи кои му се случуваат минатите 18 месеци од почетокот на Формула 2 сезоната минатата година. На крајот лани си обезбеди место во фабричкиот Нисан е.Дамс тим, пред Торо Росо да го откупи неговиот договор и да му даде шанса во врвот на моторспортот како третопласиран пилот во Формула 2 во 2018 година.

Проблематично е за Гасли кого Ред Бул може “да го изгори“ исто како и кога го вратија Квјат лани во Фаенца по што тој не ја врати формата, а по подиумот во Германија конечно се олесни дека тежината му паднала од рамената. Пјер треба да се фокусира да не падне во формата затоа што Формула 3 пилото, Јури Випс будно ја чека својата шанса.

Ред Бул во 2016 година се коцкаа ротирајќи го Верстапен и Квјат и од денешна гледна точка тоа коцкање им се исплатеше. Дали и овој пат ќе добијат џек-пот останува да видиме.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ