ОФИЦИЈАЛНО: Маркус Ериксон во Индикар догодина

Годинешниот возач на Алфа Ромео Заубер, Маркус Ериксон, во 2019 година ќе се трка во Индикар серијата со болидот број 7 на Шмит Петерсон Моторспорт Хонда, а тимски колега ќе му биде Џејмс Хинклиф. 28-годишниот швеѓанец има два ГП2 победи во својата кариера и 5 сезони во Формула 1 со Заубер за кои ќе има 97 трки по крајот на оваа сезона следниот месец.

Неговиот годинешен колега Шарл Леклер ќе се пресели во Маранело кај Ферари следната година, а Заубер ќе има целосно нов тандем на возачи. Кими Раиконен од Ферари ќе се врати во Хинвил каде ја почна својата кариера, а друштво ќе му прави Антонио Џовинаци, годинешниот резервист и штитеник на Ферари.

Чест е што ме одбраа за возач на Шмит Петерсон Моторспорт во Индикар серијата за 2019 година. Се чини дека е совршен чекор во мојата кариера по пет години минати во Формула 1. Не можам да дочекам да почнам да работам со СПМ тимот и сите луѓе за кои чув многу добри работи. Имав добар успех минатите неколку години и сакам да продолжам по таа траекторија.

Индикар тркањето изгледа одлично и возбуден сум што во иднина ќе бидам дел од тоа. Ќе треба многу да учам за патеките, тркањето по овални патеки, болидите… Знам дека нема да биде лесно, но ќе биде предизвик на кој со нетрпение чекам – најави Ериксон.

Болидот на Маркус ќе го носи бројот 7 затоа што претходниот број 6 на тимот ќе го задржи повредениот Роберт Викенс доколку во иднина се опорави и реши да се врати на трка.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ