Мексико: Верстапен победи, но Хамилтон е новиот шампион

Во голем стил, не предавајќи го водството на никого, Макс Верстапен стигна до својата 3та победа во Формула 1 кариерата што воедно е и негов 11ти подиум и 148ми за Ред Бул. Исто така ова беше победа број 55 за биковите.

На второ место заврши Валтери Ботас кој стигна до својот јубилеен 20ти подиум и 151ви за Мерцедес, а Раиконен со својот финиш на 3то место го освои својот јубилеен 90ти подиум и 724ти за Ферари.

Поважно од се беше тоа што Луис Хамилтон стана најуспешниот британец во Формула 1 освојувајќи ја својата 4та титула по што влезе во друштво на Себастијан Ветел и Алан Прост. Зад себе кај британците го остави Џеки Стјуард кој има 3 титули зад своето име.

Да се вратиме на трката. Пред самиот старт единствено Роман Гросжан кој тргна од 15то место и Фернандо Алонсо кој тргна 3 позиции зад него беа на суперсофт компонентата, а сите останати на најбрзиот ултрасофт.

Стартот беше мешаница. Ветел тргна силно, но загуби кон крајот на правецот и го предаде водството на Макс Верстапен кого го закачи по задната гума со своето предно крило. Во таа мешаница пред Ферарито се протна и Хамилтон, а Себ го закачи и него по што новиот првак мораше во бокс пораду дупната гума. Верстапен ја поведе трката, зад него беше Ботас, а Естебан Окон на фантастичното трето место на крајот од првиот круг.

Ветел влезе во гаража по нов нос и свежи софт пневматици, а жолтата компонента при принудната промена ја одбра и Луис Хамилтон. И Карлос Саинз и Фелипе Маса предвреме менуваа затоа што нивните пневматици настрадаа од остаотци од болиди на патеката.

Даниел Рикардо исто така фантастично се проби на стартот и во 3от круг беше 9ти иако трката ја почна од 15то место поради промената на мотор. Но, три кругови подоцна Даниел немоќно го паркираше својот РБ13 болид во гаражата со што го комплетираше очајниот викенд за себе.

Ветел самошто се врати на патеката и ги загреа своите гуми почна со серијата. Во 13от круг го мина Маса за 15то место иако имаше нечесно бранење од страна на бразилецот, 4 кругови подоцна го мина Пјер Гасли за 14то, додека во 18от круг го мина Роман Гросжан и се позиционираше на 13то место.

Серијата менувања гуми почна во 18от круг. Серхио Перез влезе од 5то место, промени и излезе на 8мо, Нико Хулкенберг влезе како 4ти, а се врати како 7ми, додека Естебан Окон од 2ро падна на 5то место со новите пневматици.

Кругот број 20 беше уникатен настан сезонава. Луис Хамилтон доби сино знаме и многу коректно го пропушти првопласираниот Макс Верстапен кој го мина за цел круг.

Некои менуваа гуми, а некој не престануваше да претекнува. Во кругот број 21 Ветел мина на 12то место, а следниот круг го мина Вандорн за 11та позиција.

Во 26от круг Нико хулкенберг го паркираше својот Рено крај патеката откако му беше кажано да престане со тркање и веднаш да го напушти болидот. Проблемот кај РС17 бил Системот за повраток на енергијата кој бил во многу критична состојба.

Дури 28 кругови му требаа на Хамилтон за да мрдне некое место откако “се утепа“ од жалење преку тимското радио дека не може да се доближи до ниту еден болид. Тој круг го мина Саинз и дојде на 17то место, а два кругови подоцна го мина Ериксон и дојде на 15то.

Истиот тој 30ти круг Серхио Перез им приреди радост на мексиканските фанови минувајќи го Кевин Магнусен од Хаас во борбата за 6то место.

Следниот круг Ветел го мина Фернандо Алонсо и дојде на 8то место.

Кругот број 32 беше крај за Брендон Хартли чиј мотор откажа. Рено агрегат број 3 е надвор на оваа трка, откако претходно и Рикардо и Хулкенберг се откажаа. Откажувањето на Хартли предизвика Виртуелно безбедносно возило кое траеше до 34от круг и во кој период сите променија гуми. Ветел промени последен на ултрасофт и почна да ниже најбрзи кругови, додека оваа промена го чинеше Окон позиција затоа што од 3то падна на 4то место зад Кими Раиконен.

Во 38от круг Ветел го мина Магнусен превземајќи му го 7то место. Следуваше 13 кругови бркотница по Серхио Перез кој беше 15-тина секунди пред него, а 6то место му го превзема во 51от круг. Три кругови подоцна Ветел го стигна и престигна Строл и беше 5ти, додека во 58от круг го престигна и Ленс Строл за 4то место на кое ја заврши трката.

Во 57от круг Хамилтон со судни маки стигна до 10то место откако го претекна Фелипе Маса, а два круга пред крајот на трката во фантастична борба го превзема и 9то место кое тогаш го држеше Фернандо Алонсо.

Во кругот број 58 се запали ланскиот Ферариев агрегат во болидот на Маркус Ериксон, а во 62от круг душа испушти и Реното на Саинз.

На крајот, Верстапен и двајца финци на подиум, Ветел 4ти, Окон 5ти две позиции пред Перез, а Ленс Строл помеѓу нив. Фантастичен пласман на 8мо место за Кевин Магнусен кој финишираше пред Хамилтон и Алонсо.

[table id=37 /]

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ