Монако: Победа на Ферари по 16 години

Скудерија Ферари ја заврши Големата награда на Монако со стил, ни помалку ни повеќе, “црвените“ стигнаа до 1-2 победа во кнежевството откако последната победа на легендарната трка им беше во 2001 година кога за нив победи Михаел Шумахер. Воедно, последна 1-2 победа за тимот од Маранело беше пред 7 години односно во 2010 година во Бахреин кога Алонсо победи пред Маса.

Триумф број 35 за Себастијан Ветел, втор негов триумф во Монако откако победи во 2011 година со Ред Бул. Со ова, тој стигна до 92 подиуми во кариерата, 6 повеќе од тимскиот колега, денеска второпласираниот Кими Раиконен. Најниското место на подиумот му припадна на Даниел Рикардо за кого ова беше 20ти подиум во кариерата.

Скудерија Ферари стигна до 227ма победа во својата историја и 715 подиуми, додека за Ред Бул ова беше 138ми подиум и во моментов има 3 повеќе од Мерцедес. Воедно ова беше 82ри 1-2 триумф за италијанската екипа.

Стартот не донесе изненадувања во однос на првата петорка. Ветел малку побавно стартуваше, но сите си ги задржаа позициите. Луис Хамилтон “ќари“ место на стартот минувајќи го Стофел Вандорн и превземајќи ја неговата позиција.

На крајот на првиот круг својата стратегија ја спроведуваа Џенсон Батон и Паскал Верлејн кои влегоа по нова гума во боксот и возеа еден зад друг цела трка. Обајцата ставија црвени суперсофт, но Паскал беше казнет со 5 секунди поради тоа што беше неправилно пуштен од механичарите на Заубер.

Надеж за продолжување на серијата на добри резултати за Нико Хулкенберг од Рено заврши во 16от круг кога од неговиот мотор почна да чади. Сепак, дијагностициран беше тежок проблем со менувачот и Нико нема да има потреба од нов мотор следната трка, но остана без финиш во кнежевството.

Серхио Перез храбро се бореше цела трка, а во 17от круг беше прв кој влезе во бокс со “нормална“ стратегија. Промени на суперсофт, но го промени и предното крило кое му остана оштетено при едно силно минување над новите тротоари во средниот дел на патеката.

На водечкото трио, Ветел, Раиконен, Ботас им беа потребни само 27 кругови да ги стигнат заостанатите и со по едно влегување во бокс, Батон и Верлејн. При тоа минување, Ботас искористи и силно го намали заостатокот од 7 секунди кој го имаше зад Себ и се залепи до Ферари.

Серијата влегување во бокс која го одлучи победникот почна во 32от круг. Прв по задолжителниот суперсофт влезе Макс Верстапен, кој сакаше да има спротивна стратегија од Ботас за да добие шанса да го мине. Во моментот на влегувањето во пит, холанѓанецот беше на 4то место. Следниот круг влезе и Ботас, промени на суперсофт и остана пред холанѓанецот успевајќи да си ја зачува позицијата по неколкуте првични напади. 34от круг беше моментот кога првопласираниот Раиконен влезе во бокс, промени и излезе на 3то место зад Ветел и Рикардо кои беа со гумите од стартот.

Во овие моменти Даниел и Себ летаа по патеката и возеа далеку побрзо од било кој. Во 38от круг на промена влезе Рикардо, кај кого андеркат стратегијата проработе. Влезе како второпласиран, а загуби место само од Раиконен, минувајќи ги преку бокс Ботас и Верстапен. По него од првата позиција влезе Себастијан и искочи на истото место кое не го отстапи до крајот на трката.

Дури 47 кругови траеше првата серија на Хамилтон кој пред да влезе во бокс беше на 6то место, а по менувањето загуби само една позиција и беше 7ми. На тоа место и ја заврши трката иако на крајот се залепи за Карлос Саинз, но шпанецот не го даваше своето место.

Се чинеше дека Монако 2017 година ќе биде досадно и монотоно, но Верлејн и Батон се погрижија да не биде така. Верлејн го пропушти Раиконен по шнолата“, Батон тоа го чекаше и се обиде да го изненади на кривината пред тунелот. Беше влезен половина болид крај Паскал, германецот не го виде и сакаше да затвори, дојде до контакт, а Зауберот заврши превртен настрана. Батон исто така го оштети болидот што значеше крај за двајцата и безбедносно возило на патеката. Овој инцидент ќе се разгледува по трката.

Во 65от круг безбедносното возило уште беше на патеката кога Маркус Ериксон со другиот Заубер се заби во заштитната ограда на првиот свиок. Ни самиот швеѓанец не знаеше да одговори што се случи кога беше запрашан истото од страна на своите во гаражата.

Рестартот на трката и повлекување на безбедносното возило дојде во 67от круг, кога најинтересен беше дуелот Рикардо – Ботас – Верстапен. Холанѓанецот најмногу се закани, но не успеа да ја превземе позицијата на Мерцедес, а одлично “изигра“ и Рикардо кој се одбрани на нагорнината по првиот свиок.

Но, рестартот значеше проблем за Стофел Вандорн. Белгиецот беше невнимателен и на крајот на стартно целната рамнина му дозволи на Серхио Перез да влезе од внатре и несакајќи да дојде до контакт и тој се удри на слично место каде два круга пред него се удри и Маркус Ериксон. Голема штета затоа што Стофел се возеше во поени, кои би биле први за Мекларен годинава.

Трката се разгоре исто како и Серхио Перез кој откако го мина Вандорн и дојде до поени, почна да вози агересивно. Во 72от круг на Раскас влезе паралелно со Даниил Квјат и дојде до судар. Русинот ја заврши трката по неколку кривини, а Перез со дупната гума мораше во пит. По излегувањето на патеката мексиканецот за “своја душа“ го сруши рекордот на патеката, но заврши како последно пласиран.

На 5 кругови пред крајот се откажа и Ленс Строл кој мирно го паркираше својот ФВ40 болид во гаражата.

По мешаницата од последните 17 кругови, трката ја завршија само 13 возачи, а надвор од поени останаа Палмер, Окон и Перез. Монте Карло е местото каде прв пат сезонава Форс Индија останува без двоен пласман во поени.

Како што споменавме, Саинз не го даде своето 6то место на Хамилтон кој финишираше 7ми, Гросжан дојде до 4 поени, Фелипе Маса до 2, а вториот Хаас на Магнусен освои поен.

Ветел ја зголеми предноста пред Луис Хамилтон на 25 поени, додека Раиконен го намали заостатокот во однос на Ботас на само 8 поени, а Рикардо “го води“ Верстапен со 7 поени. Ферари го зголеми водството кај конструкторите на моментални 17 поени.

[table id=18 /]

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ