Формула 1 планира да воведе ограничување на буџетот од 2021 година, а максималниот износ ќе биде 175 милиони долари.
Бројката ќе биде дел од ново креираната Финансиска регулатива на Формула 1, што ќе биде дел од сегашните Спортски и Технички регулативи.
Документот е изработен од поранешниот финансиски шеф во Хонда, Браун и Мерцедес, Најџел Кер. Тој беше доведен во Формула 1 организацијата во 2017 година со титула Финансиски Директор за Моторспорт.
Сумата од 175 милиони долари е компромис, бидејќи првичниот план налагаше да се почне со повисока сума, а потоа истата постепено да се намалува. Ова правило ќе важи во 5 сезони, од 2021 до 2025 година и во истото има член за подесување на сумата поради инфлација.
Во сумата не се вклучени неколку клучни елементи од трошоците на тимовите, како платата на возачите, трошоците за маркетинг и било какви трошоци поврзани со моторите.
Претпоставките колку трошат големите екипи во областите кои се вклучени во ограничувањето е помеѓу 220 до 250 милиони долари, така што разликата не е незначајна, иако екипите од средината се надеваа таа бројка да биде околу 150 милиони долари.
Формула 1 организацијата е уверена дека трошењето ќе може да се надгледува успешно, а регулативата ќе овозможи сериозни казни за прекршување на истата, меѓу кои и одземање на поени. Тимските шефови исто така ќе бидат под ризик да ја загубат ФИА лиценцата.
Тест период е предложен за 2020 година, а тимовите се поканети да ги прикажат своите сметки за анализа, исто како што тоа би го сториле во 2021 година, но без регулативни побарувања.