Силверстон е домашна трка на многу тимови, но зошто … ?

Формула 1 е меѓународен спорт кој посетува 21 земја во текот на годината, а возачите од гридот се од 15 различни националности. Сепак, за најголем дел од екипите, Британското Гранд При на Силверстон е домашна трка.

Долината на моторспортот се нарекува регионот помеѓу Оксфордшир и Нортхамптоншир, место каде се наоѓаат фабриките на голем број тркачки екипи, снабдувачи со делови и услуги за нив. Три од вкупно 10те Формула 1 тимови се со британска тркачка дозвола, но осум имаат свои фабрики на островот.

Мерцедес за свој дом го сметаат германски Штутгарт, но базата односно фабриката на екипата е во Бракли (123 км од Силверстон), додека моторите се произведуваат во Бриксворт (33 км од Силверстон), 45 минути возење на север, пат кој носи директно низ Силверстон.

Ред Бул Рејсинг се тркаат со австриска дозвола, но болидите се произведуваат во индустриски објект во Милтон Кинс (26 км од Силверстон), фабрика која ја превземаа од Јагуар, тимот кој го раководеше Форд до 2004 година. Нивните снабдувачи со мотори од Хонда се јапонци чија главна фабрика е во Сакура, но одделот за истражување и развој е исто така во Милтон Кинс.

Футуристичкиот технилошки центар на Мекларен, вториот најтрофеен тим на гридот, се наоѓа во Вокинг (127 км од Силверстон), исто како и автомобилскиот сегмент на компанијата. Градчето се наоѓа во непосредна близина на огромниот меѓународен аеродром Хитроу.

Центарот за развој на мотори на Рено се наоѓа на француска страна од Англискиот канал, поточно во малото градче Вири, а Формула 1 тимот се наоѓа во Енстон (44 км од Силверстон), фабрика која во минатото често менуваше сопственици.

Најмладата екипа од гридот, Хаас, се трка со американска лиценца и официјално седиште во Кананаполис, Северна Каролина. Сепак, тимот има силни врска со италијанска Далара кои за нив ја изработуваат шасијата, а европската база каде се прават многу голем дел од подготовките за трка се наоѓа во Банбери (26 км од Силверстон), фабриката која Џин Хаас ја купи од пропаднатата Марусија.

Трофејниот Вилијамс е сместен во Гроув (66 км од Силверстон), каде е и нивниот историски музеј кој ги собира на едно место сите успеси на екипата во пребогатата историја.

Торо Росо е италијанска екипа која Ред Бул ја купи од Џанкарло Минарди. Седиштето е во Фаенца, но аеродинамичката база односно воздушниот тунел им се наоѓа во Бичестер, Англија (23 км од Силверстон).

Сепак, од сите тимови, единствен кој вистински може Силверстон да го нарече свој дом е Џордан, кој долго време се тркаше со индиска лиценца, а сега е превземен од канадски милијардер и го промени името во Рејсинг Поинт. Фабриката на тимот е токму на Силверстон, на спротивен крај од кружниот тек кој води до главниот влез на автодромот.

Единствено Скудерија Ферари сите свои операции ги завршува во Италија и Алфа Ромео односно поранешен Заубер е сконцентриран во Швајцарија.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ