Сингапур: Хамилтон безгрешен на Марина Беј

Победа од пол позиција број 44 за возачот на болидот број 44 на 11то издание на Големата награда на Сингапур. Победа број 69 во кариерата на Хамилтон, 129ти подиум, а 4ти триумф и 6ти подиум во градот држава. Мерцедес стигнаа до својата 83та победа во историјата, 4та во Сингапур, а воедно и 172ри подиум и 6ти во Сингапур. Воедно ова беше 8ма победа на возач кој освоил пол позиција на 11 трки одржани во Сингапур.

Макс Верстапен финишираше на 2ро место за свој 17ти подиум и прв за него на Марина Беј. Потоа, 156ти подиум за Ред Бул и нивни 12ти во Сингапур. Трето место за својот 108ми подиум и 7ми на Сингапур за Себастијан Ветел, кој им го донесе 745от подиум на Скудерија Ферари и 6ти за нив на ноќната трка.

Стартот на трката беше дефинитивно најинтересниот момент поради сударот во Форс Индија и поради претекнувањето на Себастијан Ветел.

Естебан Окон фати добар залет во пресрет на првата кривина и се обиде однадвор да мине два болиди меѓу кои и неговиот колега Серхио Перез. Но, Чеко не сакаше да ја даде лесно својата позиција, дојде до допир на нивните тркала, французинот беше од надворешната страна и логично е што заврши во ограда и се откажа по само неколку секунди во трка.

Додека се случуваше овој дуел, Себастеијан Ветел напаѓаше за да се залепи до Хамилтон. Германецот со своето Ферари имаше подобар старт од Макс Верстапен и беше побрз до првиот свиок, но холанѓанецот беше агресивен знаејќи дека Ветел има многу што да изгуби и нема да риикува. Ветел отстапи, но веќе на следниот правец нападна и го мина Макс во моментот кога на патеката се запали знакот за Безбедносно возило.

Безбедносното возило остана на патеката до 5от круг, а рестартот не донесе ништо интересно, сите си ги зачуваа позициите.

Уште пред трката беше јасно дека менувањето на гуми и стратегијата ќе бидат клучни. Себастијан Ветел прв се реши на промена, влезе во 15от круг, од хиперсофт промени на ултрасофт и од 2ро излезе на 7мо место. Хамилтон не сакајќи да биде минат преку бокс влезе следниот круг, стави потврда софт компонента и излезе пред германецот, односно пред Перез кој ги раздвои лутите ривали за титула. Следниот круг Ветел го мина Перез за 6то место, но Хамилтон веќе имаше направено предност од неколку секунди.

Верстапен и Ботас влегоа во 18от круг и променија на софт, а Верстапен со 4те кругови на патеката повеќе од Ветел повторно си ја врати својата позиција пред Ферари. Раиконен издржа 23 кругови на хиперсофт, а Даниел Рикардо дури 28 кругови и беше втор од првата шесторка кој промени на ултрасофт.

Во 27от круг се случуваше убава битка помеѓу двајца млади возачи кои добиваат голема шанса догодина. Шарл Леклер со својот Зауер се бореше со Пјер Гасли и неговото Торо Росо за 9то место и успеа да мине.

Серхио Перез многу рано влезе во бокс да го промени своите хиперсофт од вчерашните квалификации, но тоа го врати на опашката од гридот заглавувајќи 10-тина кругови зад Сергеј Сироткин барајќи начин да мине крај возачот на Вилијамс. Кога во 34от круг конечно успеа да најде простор, немаше чист маневар и дојде до контакт помеѓу него и русинот што му донесе казна од минување низ бокс поради тоа што го иницираше сударот.ж

До крајот на трката казна од по 5 секунди доби и Сироткин за дуел со Брендон Хартли и Роман Гросжан за непочитување на сино знаме.

Вториот Мерцедес возен од Валтери Ботас заврши 4ти, пред второто Ферари и вториот Ред Бул. Најдобар од останатите беше Фернандо Алонсо, зад него неговиот заменик за следната година Карлос Саинз, 9ти и повторно во поени Шарл Леклер, а второто Рено на Хулкенберг го прокнижи последниот поен.

Со триумфот, Луис Хамилтон си го зголеми водството во однос на Себастијан Ветел на 40 поени, додека Раиконен заостанува дополнителни 67 зад својот колега. Ботас е 3 поени зад Кими, Макс Верстапен има 148 и 22 повеќе од својот колега. Нико Хулкенберг е најдобар од останатите со 53 поени, 3 повеќе од Фернандо Алонсо, 4 повеќе од Кевин Магнусен, 7 повеќе од од Серхио Перез и 8 повеќе од Естебан Окон.

Кај конструкторите, Мерцедес “бегаат“ 25 поени на Ферари, Ред Бул се 3ти, Рено стигнаа на 10 пред Хаас, Мекларен се 6ти, а Форс Индија 20 поени зад нив.

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ