Јапонија: Нова доминација на Мерцедес, нова победа на Хамилтон

Луис Хамилтон стигна до нова победа во својата кариера, 71ва на број, а 4та во Јапонија по што се изедначи по бројот на победи на Сузука со Себастијан Фетел. Воедно, 6ти негов подиум на таа патека и вкупно 131ви во Формула 1 кариерата. Дополнително ова беше 50та победа за Хамилтон како возач на Мерцедес.

Валтери Ботас со второто место стигна до својот јубилеен 30ти подиум и прв во Јапонија, додека Макс Верстапен го забележа својот 18ти подиум и 3ти на Сузука.

За Мерцедес ова беше 85та победа во нивната историја, а 5та во Јапонија. Што се однесува до подиумите, “сребрените“ стигнаа до 176 од кои дури 44 во доминантен 1-2 стил. Макс Верстапен го донесе 157от подиум за Ред Бул и 12ти за нив во Јапонија.

Зад Верстапен заврши неговиот колега Даниел Рикардо, а следуваше тандемто на Ферари, Кими Раиконен пред Себастијан Фетел. Двојни поени за Форс индија, Серхио Перез беше 7ми, а Естебан Окон 9ти. Нив ги раздели Роман Гросжан на Хаас, а последниот поен го однесе на два круга пред крајот на трката шпанецот Карлос Саинз.

Топ 4 возачите на стартот си ја зачуваа својата позиција, а почетокот мина во знак на Себастијан Фетел кој почна од 8мо место, а на крајот од првиот круг веќе беше 4ти. Инцидент се случи на шиканата пред целта кога Макс Верстапен предоцна закочи бранејќи се од Раиконен, излета на патеката и некоректно се врати, удирајќи го Кими. Штета имаше на болидот на Ферари, а Себ ја искористи таа позиција да го мине својот колега. За оваа “егзибиција“ Верстапен доби 5 секунди казна која ја отслужи при менувањето гуми.

Кругот број два донесе дупната гума на Кевин Магнусен кој со својот Хаас се бранеше од нападите на Шарл Леклер во само нему препознатлив стил, менувајќи насока во последен момент. Дупнатата гума и возење цел круг со истата беше доволна казна за данецот, инцидентот беше истражуван од стјуардите, но никој не беше казнет. Сепак, поради остатоците од болидот на Кевин, од 4от до 7от круг на патеката беше Безбедносното возило.

Првите три кругови беа фантастични и за Даниел Рикардо кој тргна од 15то место и му требаа само три кругови за да дојде до 10то.

Сударот со Магнусен го оштети носот на Зауберот на Леклер по што 20-годишникот во 4от круг влезе во бокс, доби нов преден дел и монтираше медиум гуми со план да вози со нив до крајот на трката.

Следуваа брзи кругови на Фетел со кои се доближи до Верстапен, но повторно под притисок направи глупост. Германецот од Ферари беше нетрпелив и во 8от круг сакаше да мине на свиок каде немаше место за два болиди, Макс остави простор, но Себ беше пребрз по што двајцата излетаа. Ред Бул-от беше посреќен и продолжи, додека Фетел се врати како 19ти на патеката. Истрагата од стјуардите не донесе казна за никој.

Кевин Магнусен успеа да комплетира уште 7 кругови по дупнатата гума, но штетата на болидот беше голема и во 9от круг тој се откажа од трката.

Следуваа фантастични потези на Рикардо кој во 11от круг го мина Окон, следниот го претекна Перез, во 13от го претекна Гасли, а потоа и Роман Гросжан, по што во 15от круг веќе беше на 5то место, зад двата Мерцедеси, својот колега Верстапен и Кими Раиконен.

Кругот број 18 беше моментот кога Кими Раиконен како прв од водечките влезе по нови гуми и своите суперсофт ги промени со медиум, приклучувајќи се на патеката на 10то место. Следниот круг го мина Саинз, а потоа и Окон, Перез и Гасли и во 22от круг беше 6ти.

Истиот круг во бокс влезе и Верстапен, промени гуми на софт, отслужи казна од 5 секунди и се врати на патеката пред Ферарито на Кими, минувајќи го веднаш Роман Гросжан за 4то место.

Во овие моменти стјуардите изрекоа казна од 5 секунди за Фернандо Алонсо од Мекларен и Ленс Строл од Вилијамс.

Во 24от круг по нови гуми влегоа Валтери Ботас и Даниел Рикардо и жолтите софт ги променија со белите и поцврсти медиум. Следниот круг Луис Хамилтон го направи истото.

Себастијан Фетел во 8от круг по сударот со Макс Верстапен се најде на 19то место, претекнуваше бавни болиди и во 25от круг се најде на 10то, но по два круга влезе во бокс, монтираше софт гуми и повторно падна, но на 16то место.

Следуваа фантастични кругови од германецот во кои ги мина Естебан Окон и Серхио Перез од Форс Индија, потоа неговиот иден колега Шарл Леклер од Заубер и Роман Гросжан од Хаас по што дојде на 6то место во 35от круг.

Во 39от круг директно во гаража се откажа Нико Хулкенберг како второт откажување на трката, но веќе следниот круг и Шарл Леклер имаше скршен дел во болидот излета, се паркираше крај патеката и донесе вирутелно безбедносно возило.

Во 42от круг Чеко Перез ја превзема титулата најдобар од останатите од Роман Гросжан. Французинот од Хаас преку радиото се жалеше дека мексиканецот недозовлено му се доближувал за време на Вритуелното безебдносно возило.

На два круга пред крај Карлос Саинз го превзема 10то место од Пјер Гасли на огромно разочарвање на јапонските фанови.

Предноста на Луис Хамилтон по оваа победа се зголеми на 67 поени во однос на Фетел, додека Ботас е зад германецот со 57 поени. Низата од подиуми за вториот возач на Мерцедес му донесе 11 поени предност во однос на Кими Раиконен. 23 поени зад Кими е Макс Верстапен кој води 27 поени пред својот колега Даниел Рикардо.

Серхио Перез, Нико Хулкенберг и Кевин Магнусен го делат 7то место со 53 поени, Фернандо Алонсо има поен помалку, додека Естебан Окон до сега има собран 49.

Водството на Мерцедес се зголеми на 78 поени, додека Ред Бул заостанува 141 поен зад Ферари. Рено е најдобар од останатите, но предноста им се намали на 8 поени во однос на Хаас. Следуваат Мекларен, но нивната предност се намали на 15 поени пред Форс Индија, Торо Росо се 8ми со 3 поени во однос на Заубер.

 

СЛИЧНИ ВЕСТИ

#сингапур

популарни вести

РЕЗУЛТАТИ 2023

НАЈНОВИ ВЕСТИ